Македонските земјоделци немаат навика за осигурување на земјоделските насади. Помалку од два отсто од оние што се регистрирале како земјоделци ги осигуриле нивите. Осигурителни полиси годинава имаат околу 1.500 земјоделци од вкупно регистрираните над 70.000. За да се зголеми свеста кај земјоделците и бројот на осигуреници, за следната година се предвидени нови пакети за осигурување од страна на регионалната реосигурителна компанија „Европа ре“, со седиште во Швајцарија, чиј акционер е и Македонија. Од септември „Европа ре“ започнува кампањата со едукација кај земјоделците и сопствениците на куќи и на станови, а во моментов се работи со домашните осигурителни компании, кои треба да ги продаваат пакетите за осигурување. Во „Европа ре“ велат дека тие како носители на проектот работат на развивање на пазарот за осигурување од природни катастрофи како град, суша, поплави и земјотреси.
Македонските земјоделци немаат навика за осигурување на земјоделските насади. Помалку од два отсто од оние што се регистрирале како земјоделци ги осигуриле нивите.
Осигурителни полиси годинава имаат околу 1.500 земјоделци од вкупно регистрираните над 70.000. За да се зголеми свеста кај земјоделците и бројот на осигуреници, за следната година се предвидени нови пакети за осигурување од страна на регионалната реосигурителна компанија „Европа ре“, со седиште во Швајцарија, чиј акционер е и Македонија. Од септември „Европа ре“ започнува кампањата со едукација кај земјоделците и сопствениците на куќи и на станови, а во моментов се работи со домашните осигурителни компании, кои треба да ги продаваат пакетите за осигурување. Во „Европа ре“ велат дека тие како носители на проектот работат на развивање на пазарот за осигурување од природни катастрофи како град, суша, поплави и земјотреси.
- Се работи за компанија која е поддржана од Светската банка, Швајцарскиот секретаријат за економски прашања и од Обединетите нации. Македонија, Србија и Албанија се акционери во фирмата. Ние ги развиваме пазарната инфраструктура, технологијата и осигурителните производи. Во моментов се работи на информирање на осигурителните компании што работат на македонскиот пазар. Тие треба да ги продаваат пакетите со кои ќе се овозможи брз и ефикасен систем за обесштетување. Подготвени сме да работиме со сите што дејствуваат на овој пазар. Во моментов се знае дека во првата фаза ќе се работи на свеста на земјоделците, во нивна едукација и запознавање, со тоа што може да добијат ако се осигурени, а што да изгубат ако немаат осигурување - велат во „Европа ре“.
Оттаму објаснуваат дека полисите ќе бидат евтини и достапни за сите што ќе сакаат да се осигурат. Во моментов земјоделците се скептични кога станува збор за осигурување.
- На земјоделците им е проблем да купат осигурителна полиса бидејќи осигурувањето не ги покрива сите штети. На пример, од град и од поплави се надоместува штета. Но од пожари, смрзнување или од суша премиите не важат. Субвенциите од Владата се поддршка, но тие важат само до 10 хектари вкупна земјоделска површина, односно во зависност од посевот. Земјоделците се свесни дека ризикуваат, но проблемот е што нема понуда за осигурување од секакви појави, што би било еден вид гаранција за нивните посеви и култури - велат во Сојузот на земјоделци на Македонија.
Според податоците на осигурителните компании, најголем дел продадени полиси има во регионот на Kавадарци и Неготино за лозови насади, односно во Свети Николе за житни растенија и во Ресен за јаболка.
Во Министерството за земјоделство објаснуваат дека значаен елемент во синџирот на земјоделското производство е неговата заштита од непогоди. Практика во европските земји е земјоделските имоти, посеви, насади и производи да се осигуруваат во огромен процент.
- Kај нас овој тренд има линија на зголемување, од 300 земјоделски осигуреници во 2008 година, бројот е искачен на 1.200 корисници во 2012 година, но цениме дека може и повеќе и подобро. Земјоделците треба да ја искористуваат владината мерка за давање финансиска поддршка во висина од 60 отсто од трошокот за осигурување на земјоделските стопанства - велат во ресорното министерство.
Годинава двојно е зголемена вкупната сума на средства што се даваат на лицата кои сакаат да ги осигурат своите земјоделските стопанства. Од ланската сума на исплатени околу 17 милиони денари, сумата за оваа година изнесува 35 милиони денари.
Процедурата е едноставна и се состои од три чекори, без посебни ограничувања. Земјоделецот поднесува барање на пропишан образец во Подрачната единица на Министерството за земјоделство и добива потврда за пријавени производни капацитети во Единствениот регистар на земјоделски стопанства. Потврдата земјоделецот ја доставува до осигурителната компанија, која е по избор на барателот, без ограничувања. Осигурителната компанија и барателот склучуваат полиса, при што барателот се задолжува со 40 отсто од вредноста на полисата, а за преостанатите 60 проценти се задолжува Агенцијата. Земјоделецот ја известува Агенцијата, која за одобрените барања врши исплата на сметка на осигурителната компанија за име и за сметка на барателот. За добивање на средствата нема посебни услови, туку важат оние општите услови за добивање субвенции во земјоделството.
На овој начин имотот (посевот, насадот, расадот) е осигурен и доколку во идниот период настане некоја непогода и го оштети имотот на земјоделецот, осигурителната компанија на земјоделецот му ја надоместува загубата. Земјоделците сега може да осигурат до 5 хектари лозови и овошни насади, до 2 хектара градинарски култури, 1 хектар тутун, 10 хектари житни култури и 100 пчелни семејства.